Од 9 до 13 октомври во Охрид: Светско првенство во брза телеграфија

Дваесет и пет репрезентации на радиоаматери од 9 октомври до 13 октомври ќе учествуваат на 12 Светско првенство во брза телеграфија, што ќе се одржи во Охрид во организација на Радиоаматерски сојуз на Македонија. Националните тимови од 25 држави од целиот свет (меѓу кои и од Казахстан, Оман, Саудиска Арабија, Белорусија...) ќе се натпреваруваат во четири дисциплини: брзо предавање пораки; прием на пораки (шифрирани  и отворени ); симулација на одржување на радиоаматерски врски и во дисциплината прием-предавање на радиоаматерски знакови. Натпреварите ќе се одвиваат во девет категории на различна возраст и во машка и женска категорија. 

Ова е второ Светско првенство на радиоматери кое се одржува во нашата земја, а РСМ ја доби организацијата во конкуренција на четири други држави. Првото првенство се одржа во 2005 година исто така во Охрид.

Претседателот на РСМ Звонко Стаменов, кој во светот на радиоаматерите е познат под името Z35W очекува македонската репрезентација да го потврдат успехот од претходните светски првенства. Досега нашите радиоаматери во натпреварувањата со другите колеги од светот освоиле 4 златни, 5 сребрени и 12 бронзени медали во различни дисциплини и категории. 

- Нашите членови покажуваат се подобри резултати на натпреварувањата. Годинава очекуваме да се потврди нашиот досегашен резултат и подобрување на рејтингот на меѓудржавно ниво. Нема да учествуваме во сите категории, а најслабо стоиме во женска конкуренција - вели Звонко Стамов.  

Натпреварите на радиоаматерите ќе се одржуваат во хотелот Десарет, кој нуди одлични услови за гостите, а ги задоволува и сите технички потреби за одржување на ова светско првенство на радиоаматери.