Македонија за прв пат со свој претставник во Комитетот на УНИКА

Mакедонскиот филмски автор Мице Чаповски беше избран за член во новиот Комитет на организацијата нa овогодишното издание на филмскиот фестивал на организацијата УНИКА (UNICA - (UNICA - Union Internationale du Cinéma), кој се одржа од 5-ти до 12-ти септември, во Санкт Петербург, Русија. Тоа значи дека Македонија за прв пат има место во одлучувачката структура на УНИКА, која како организација функционира во рамките на Советот на УНЕСКО.

Комитетот има тригодишен мандат, и во негова надлежност се голем дел од активностите за работата на организацијата, како на пр.: одржување на годишното издание на филмскиот фестивал и Конгресот на УНИКА (кој во Санкт Петербург беше одржан по 77-ми пат), промоција на непрофесионалниот филм, соработка меѓу националните филмски федерации и асоцијации итн.

УНИКА e независна, невладина и интернационална организација. Таа е непрофитна организација и е членка на Интернационалниот совет за филм, телевизија и аудиовизуелна комуникација (I.F.T.C.), кој ужива консултативен статус во УНЕСКО.

Главната цел на УНИКА е промоција на интернационално разбирање и соработка во полето на уметноста, културата, образованието и науката, во согласност со принципите на УНЕСКО.

УНИКА е главното место каде што авторите на аматерскиот, т.е. непрофесионалниот филм од целиот свет, како и студентите по филм, имаат шанса да се натпреваруваат и да ги презентираат своите дела.  

Во моментот УНИКА брои 32 земји членки, од кои најголем дел се од Европа. Членките се национални филмски асоцијации, федерации или сојузи кои ја претставуваат својата земја. Македонија е членка на УНИКА од 1996 година, преку Кино сојузот на Македонија.

Раководството на УНИКА е составено од: Претседател, Потпретседатели, Генерален секретар, Трезорист и Комитет кој го сочинуваат од 4 до 7 членови. Оваа година во Санкт Петербург беше избрано ново раководство.

Новото раководство на УНИКА го сочинуваат:

Претседател: Дејв Вотерсон , Велика Британија

Потпретседател: Џин Глас , Франција

Потпретседател: Бернард Линднер, Германија

Генерален секретар: Џорџ Шорнер, Австрија

Трезорист: Томас Кроши , Швајцарија

Комитет:

Франка Стас , Холандија

Татјана Алахверџиева , Бугарија

Мице Чаповски , Македонија

Волфганг Фрајер, Германија

Ролф Мандолеси , Италија

Жељко Балог , Хрватска 

Павел Лески , Полска