Општина Пехчево им оддаде признание на најуспешните на МАКИНОВА и КАТЛАНОВО 2014

По повод најновиот успех на учениците од ООУ „Ванчо Китанов “- Пехчево и Гимназијата „ Ацо Русковски ’’- Берово, остварен на деновиве одржаната саемска манифестација на изложба на пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско креативно творештво МАКИНОВА 2014 и радио техника КАТЛАНОВО 2014, градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски, денеска приреди прием за учениците заедно со нивните ментори, кои во оваа учебна година освоија вредни награди на разни домашни и меѓународни натпревари.

Градоначалникот Поповски упати честитки и благодарност до наградените ученици и професорите што со нивниот успех истовремено се афирмира и Пехчево како град со висок потенцијал на млади надежни стручњаци пред кои веке сега се отвараат вратите на успешна професионална иднина во повеќе области. Приемот на градоначалникот им беше посветен на освојувачите на највисоките награди на годинешната МАКИНОВА 2014 и меѓународниот натпревар за радио техника КАТЛАНОВО 2014.

На изложбата на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво за млади МАКИНОВА 2014, ученикот Андон Поповски од Пехчево освои сребрен медал од областа на географија, додека сребрениот медал од областа на хемија и припадна на Антонела Поповска.

На меѓународниот натпревар за радио техника КАТЛАНОВО 2014, со златен медал се закитија Андон Поповски ( 1 место ) машка категорија до 18 години и Антонела Поповска ( 1 место )женска категорија до 15 години, со сребрен медал се закити Ивона Петровска женска конкуренција до 15 години, додека пофалница и шесто место освои Наде Бакаловска.

Покрај личните импресии од настапите на натпреварите и остварените успеси на учениците, за нивните остварувања и мотивирањето во наставата зборуваа нивните професори-ментори: Стојан Стојменов и Сузана Гаштеовска, како и директорот на Народна техника Берово, Г-ѓа Бистра Поп-Ѓорѓиева и директорката на ООУ „Ванчо Китанов “ – Пехчево, Лилјана Секуловска.